Кошаркарите на Работнички го доживеаја првиот пораз на домашен терен во домашното првенство, откако во „трилер натпревар“ неизвесен до последната секунда загубија во дербито на 14. коло од Фени Индустри со 83-86 (24-23,17-21,25-23,17-19).
Комплетниот натпревар се играше максимално израмнето од самиот почеток. Низ поен за поен, со жестока игра под обрачите, првото полувреме заврши со само три поени предност за кошаркарите на Фени Индустри (41-44).
Сосема еднакво се играше и во вториот дел, се до максималната неизвесна завршница поен за поен во последните три минути. На 20 секунди пред крајот, при 83-83, гостите имаа напад при кој Џекиќ реализираше само едно слободно фрлање за 83-84. Во следниот напад најискусните во составот на Работнички, Мираковски и Чековски лошо проигруваа, па на само четири секунди пред крајот, по претходен намерен прекршок, со двете слободни фрлања на Петровски кавадарчани дојдоа до конечни 83-86.
Последниот шут беше на Владо Илиевски за израмнување, но не успеа во обидот за три поени во последната секунда.
Најефикасен во победата на Фени Индустри беше Џекиќ со 23 поени, дополнети и со шест скока, а 19 поени постигна Стајиќ. Во домашниот тим најдобар беше Димче Тасовски со 30 поени, плус и со седум скока, 19 поени постигна Чековски, со 17 поени заврши Мираковски а со 14 постигнати поени Николиќ.
Сега на врвот од табелата осамен за издвои Фени Индустри со 12 победи и два порази, додека Работнички остана на оние досегашни 11 победи, и сега со три порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА