Неочекуваниот пораз од Будуќност ја искомпликува ситуацијата за ракометарките на Вардар, кои доколку сакаат да го освојат првото место во групата не смеат да си дозволат „кикс“ на следните две средби. Со оглед на фактот дека „црвено-црните“ се апсолутни фаворитки против Турингер во последното коло, јасно е дека клучен меч за избраничките на Давид Дејвис ќе биде неделното гостување во Франција против Мец.
Францускиот клуб во првиот натпревар одлично им се спротивстави на „вардарки“, меч што заврши со победа на македонскиот првак од 23-21, но на кој Мец изненади со фантастична игра во одбраната, во зона 3-2-1. Сепак, во таборот на Вардар се оптимисти дека лекцијата од тој меч е научена и дека македонскиот шампион ќе одигра на посакуваното ниво во Франција.
„Мец има квалитетна екипа. Играат многу незгодна одбрана. На првиот натпревар нѐ изненадија со агресивната одбрана и може не бевме доволно спремни. Но сега се подготвивме многу добро, анализиравме сѐ и се подготвивме за с. Од нив може да очекуваме агресивна одбрана 3-2-1, но овој пат ќе бидеме целосно подготвени. По поразот со Будуќност не е ништо изгубено, не е некоја голема трагедија, имавме низа од 8 победи во серија, и ни се случи лош ден. Сега забораваме на тоа. Уште сме на прво место. Притисокот постои на секој натпревар. Јавноста секогаш нѐ става во позиција на фаворит, така што сме навикнати на тој притисок. Забораваме што беше и се подготвуваме за Мец“, истакна Андреа Пенезиќ, која е најдобар стрелец на „црвено-црните“ сезонава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА