Вардар утре (17.30 ч.) му гостува на Мешков Брест и има шанса на едно коло пред крај на групната фаза во Лигата на шампионите да го осигура првото место во групата и директниот пласман во четвртфиналето од ЛШ. По поразот на Рајн Некар Левен од Целје, на вардарци доволни им се два бода од послените два натпревари за да ја задржат лидерската позиција во групата. Вардарци сега се први на табелата со 18 бода и со натпревар помалку од Рајн Некар Левен кој е втор со 17 бода и Кјелце со 16 бода. И во случај да завршат со ист број бодови, Вардар има подобар скор во меѓусебните дуели што му дава предност пред конкурентите.
„Убаво е да се биде прв, тоа не е притисок, туку мотивација. Сите ние сакаме да ја искристиме ситуацијата. И тие имаат притисок, можеби и повеќе затоа што имаат шанса за четвртото место. Кај нас нема притисок. Во Лигата на шампионите секогаш е тешко кога играш во гости, а фаворити се домашните играчи“ – вели Жоан Канелјас за клупскиот сајт на Вардар.
Бодовите од утрешниот меч во Брест се важни и за Вардар, но уште повеќе за домашниот Мешков Брест кој се бори за четвртото место во групата.
„Знаеме колку е важен овој меч, ако сакаме да ја задржиме првата позиција. Знаме дека ќе биде тешко за нас. Видовме како одигра Мешков против Кјелце и против Рајн Некар Левен. Имаат добар, силен тим со со високи и со брзи играчи. Ако сакаме да го исполниме нашиот план треба да победиме“ – вели бекот на Вардар.
По дуелот со Мешков Брест, на вардарци до крјот на групната фаза им останува уште дуелот против Кристијанштад на 13 март во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА