Тричковски во нападот, Бејтулаи во одбраната на А-тимот за дуелот со Лихтенштајн

Македонската фудбалска репрезентација на 24.март го игра квалификацискиот натпревар против Лихтенштајн на гости во рамките на циклусот за СП 2018 година, а селекторот Игор Ангеловски ја следи моментната форма на репрезентативците и го „крои“ списокот. Проблеми сигурно му создаваат повредите на Енис Барди и на Стефан Спировски, кои веројатно ќе конкурираа за средниот ред, но селекторот ќе мора да пронајде адекватни решенија, а сигурно и да состави малку поофанзивен тим, со оглед дека ќе атакуваме на победа против домаќинот Лихтенштајн.

Постојат мали надежи дека Барди сепак и би можел да биде на располагање, доколку неговата здравствена состојба се подобри. Езгјан Алиоски поради жолти картони нема право на настап.

Иван Тричковски, напаѓачот на АЕК Ларнака, кој игра во одлична голгетерска форма на Кипар, се очекува да се врати во А-тимот за дуелот против Лихтенштајн. Тој не беше дел од последниот повик за гостувањето во Шпанија поради семејни причини, но сега речиси сигурно ќе добие можност во селекцијата на Ангеловски. Во А-тимот ќе се врати и Александар Трајковски, кој ја надмина повредата што го мачеше претходно, иако не е многу стандарден во тимот на Палермо. Од Серија А, секако ќе пристигнат и капитенот Горан Пандев, како и Нестор – гол, кој веќе нанижа десет погодоци во овој шампионат.

nestorovski-1

Ќе има одредени проблеми и во одбраната, а се очекува Егзон Бејтулаи од Шкендија да биде повикан, откако сега е стандарден првотимец на Шкендија. Повик се очекува да добие и офанзивниот тандем на Шкендија, Ферхан Хасани – Бесарт Ибраими. Исто така и Давид Бабунски, кој во меѓувреме се пресели во далечната Јапонија и почна да настапува за Јокохама, би требало да се најде на списокот на селекторот Ангеловски.

Ќе треба да се најде место и за Бесир Демири, кој во меѓувреме направи трансфер во Вардар, а претходно заедно со Бејтулаи „одлежуваше“ суспензија во Шкендија. Стандардно, Ангеловски најверојатно ќе смета и на Ванче Шиков, Дарко Велковски, Даниел Мојсов, Кире Ристевски, Стефан Ристовски…

Голманската тројка се очекува да биде истата како и за дуелот со Шпанија, Димитриевски, Гачевски, Алексовски. Ангеловски најави дека младите ќе ја добијат шансата, па треба да има место на списокот и за Бобан Николов, Марјан Радески, можеби Ѓоко Зајков.

Angelovski i Pandev 2

Селекторот има уште десетина дена за „кроење“ на конечниот список, по што ќе бидат познати репрезентативците кои сите се надеваме дека ќе се изборат за првата победа во овој квалификациски циклус за СП 2018. Во досегашните четири меча, Македонија има четири порази, од Албанија (2-1) на гости, од Израел (1-2) и од Италија (2-3) дома, и од Шпанија (4-0) на гости.

Лихтенштајн исто така има четири порази на првите четири натпревари од овој квалификациски циклус во групата. Мечот ќе се одигра на 24.март, на „Реинпарк“ стадион во Вадуз, а во меѓусебните дуели Македонија е многу подобра и има четири победи, додека еден меч завршил со нерешен резултат.

Се вчитува...