Рајн Некар Левен доживеа дебакл на гостувањето кај Целје 37-31 и на едно коло пред крај на групната фаза, загуби драгоцени бодови во борбата за првото место на табелата. Поразот на германскиот шампион му оди во прилог на Вардар кој се зацврстува на лидерската позиција. На „црвено-црните“ сега им се доволни и два бода во последните два натпревари, со Мешков Брест во гости и со Кристијанштад дома, за да го задржат првото место во групата и да обезбедат директен пласман во четвртфиналето од ЛШ.
По првиот натпревар од 13.коло, Рајн Некар Левен останува на второто место со 17 бода, Вардар е прв со 18 и со натпревар помалку. Целје со оваа победа се искачи на шестата позиција со девет бода и останува во игра за пласман во осминафиналето од ЛШ. По европскиот шампион Кјелце, во „Златорог Арена“ за неполн месец падна и германскиот првак Рајн Некар Левен, а втората голема победа на словенечкиот тим му ги зголемува шансите за пласман во следната осминафинална фаза во ЛШ.
Словенечкиот тим уште од стартот наметна игра и беше вио резултатска предност. Одличното издание во првиот дел на Целје му донесе предност од 20-13. Рајн Некар Левен делуваше разбиено и до крајот не успеа да ја анулира негативата. Мацковшек постигна девет, а Јанц и Зарабец додадоа по осум гола во победата на Целје. Кај Рајн Некар Левен најефикасни беа Ларсен со шест и Сигурдсон со пет гола.
Во рамките на ова коло, во груоата Б, Вардар в сабота му гостува на Мешков Брест, а во другите две средби играат: Пик Сегед – ППД Загреб и Кристијанштад – Кјелце.
Табела: Вардар 18, Рајн Некар Левен 17, Кјелце 16, Пик Сегед 13, Мешков Брест 12, Целје 9, Загреб 7, Кристијанштад 6.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА