Данило Мијатовиќ нема да може да се пресели во редовите на МЗТ Скопје доколку македонскиот првак не му плати на Куманово значителна сума како отштета. Српскиот крилен центар е најдобар кошаркар на кумановци сезонава, па „сино-белите“ ќе сторат се за да го задржат во своите редови во пресрет на стартот на Супер-лигата и битката за место во плејофот.
Минатата сезона Куманово во слична ситуација му излезе во пресрет на МЗТ Скопје давајќи зелено светло за преселба на Урош Луковиќ во таборот на „металците“, но овојпат тоа нема да биде случај.
„Данило Мијатовиќ е наш најдобар кошаркар, тој има договор со Куманово до крајот на сезонава и нема никаква шанса тој да си замине без никаква отштета. Трансферот на Луковиќ лани беше противуслуга што МЗТ една сезона претходно ни дозволи да го вратиме Александар Костоски во своите редови. Сепак, сега тоа нема да се случи, ако тие го сакаат Мијатовиќ ќе треба да платат отштета од два милиони денари“ – истакнаа за ЕКИПА од раководството на КК Куманово.
По ваквиот став на вицешампионот, речиси сигурно е дека МЗТ Скопје ќе мора да бара друга опција како засилување на позицијата крилен центар, на која „металците“ останаа „тенки“ по вчерашното заминување на Даниел Кларк.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА