Заминувањето на Даниел Кларк остави уште една дупка во тимот на МЗТ Скопје, па на актуелниот првак му е јасно дека мора да го засили играчкиот кадар доколку сака да биде конкурентен во битката за одбрана на титулата во кошаркарскиот шампионат на Македонија. Тренерот Анте Назор e во потрага по нов кошаркар на позицијата „четири“, а една од опциите е и поранешниот член на „металците“, Данило Мијатовиќ. Српскиот крилен центар минатото лето си замина од МЗТ Скопје и потпиша договор со Куманово, тим за кој игра во одлична форма оваа натпреварувачка сезона. Тој е еден од најдобрите кошаркари во Првата лига во досегашниот дел од сезоната и МЗТ неслучајно сака да го врати во своите редови, но останува да се види дали раководството на вицешампионот ќе даде зелено светло за ваков трансфер.
Неофицијално, во текот на денешниот ден треба да дојде до средба меѓу кошаркарот и управата на клубот, по која ќе биде јасно какви се шансите Мијатовиќ да се врати во таборот на„штрковите“ од Аеродром. Евентуалното заминување на овој кошаркар ќе значи и капитулација на кумановци во пресрет на Супер-лигата, со оглед на претходното заминување на Александар Костоски во Романија.
Покрај крилен центар, МЗТ Скопје ќе се обиде да ангажира и нов плејмејкер како замена за повредениот Ван Острум, до истекот на преодниот рок следниот петок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА