Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, изјави дека има модринки и гребаници по телото по првите излегувања на патеката со новиот болид. На првите тестови пред стартот на новата сезона во Формула 1, на патеката „Каталуња“, новиот болид на Мерцедес покажа добри перформанси, а Хамилтон константно беше најбрз.
Во согласност со новите правила во Ф1, болидите оваа сезона ќе бидат поголеми, побрзи, а возачите ќе мора добро физички да бидат подготвени за претстојните трки.
Тројниот светски шампион по првите претсезонски тестови истакна дека се чувствува физички подготвен, но дека има и ситни повреди.
„Мислам дека овој болид е многу потежок за возење во однос на минатогодишниот. Многу е побрз на свиоците и чувствувам притисок на целото тело, посебно на вратот. Имам модринки и гребаници по телото што сум ги немал никогаш досега. Физички сум добро подготвен, но се уште не сум го возел болидот доволно долго. Тренирав многу во текот на зимата и би требало да сум подготвен за стартот на новата сезона“ – истакнува Луис Хамилтон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА