Барселона го декласираше Спортинг Хихон со 6-1, а тренерот Луис Енрике ја искористи прес-конференцијата по овој натпревар за да го официјализира своето заминување од клупата на каталонскиот гигант по завршувањето на оваа сезона. Енрике беше жестоко критикуван поради слабите игри до пред извесно време, се шпекулираше и за „војна“ меѓу него и Лионел Меси, за вечерва овој стручњак да потврди дека летово ќе си замине од „Камп ноу“.
„Ова е многу тешка одлука за мене. Долго размислував и на крајот решив – сметам дека ова е вистинскиот момент да ја обелоденам. Во изминатиот период работев напорно барајќи решенија, се чувствувам преморено. Ми треба одмор и тоа е главната причина. Сето она што го минав овде во изминатите три години ќе го паметам цел живот. И да не заборавиме… има уште три возбудливи месеци пред нас, искрен верувам дека можеме да ја свртиме работата во наша полза. Јас до крајот ќе продолжам да го давам максимумот како и досега, како што овој клуб заслужува“ – изјави Енрике.
Шпанските медиуми веќе извесно време шпекулираат со имињата за нов тренер. Главни фаворити во оваа трка се Роналд Куман и Масимилијано Алегри, а како можни опции се споменуваат и имињата на Арсен Венгер од Арсенал и Жорге Сампаоли од Севилја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА