Очајната игра и поразот од Игокеа придонесе да дојде до нови промени во таборот на МЗТ Скопје. Овојпат цената за поразот ја плати Даниел Кларк, откако британскиот кошаркар си замина од редовите на актуелниот првак на Македонија.
„Британскиот кошаркарски интернационалец Даниел Кларк повеќе не е дел од екипата на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска беше официјализиран спогодбениот раскин на договорот помеѓу играчот и нашиот клуб. Репрезентативецот на Велика Британија во „Јане Сандански“ дојде кон крајот на октомври минатата година како замена за Џеремаја Мејси и во сино-белиот дрес одигра 15 средби во АБА-лигата со просек 8,5 поени и 4,2 скока како и еден меч во Купот на Македонија, во полуфиналната елиминација од Фени индустри. Кларк веќе се поздрави со досегашните клупски колеги и во текот на денешниот ден ќе замине во родниот Лондон. Управата на МЗТ Скопје Аеродром му се заблагодарува на Британецот за прикажаното и му посакува сѐнајдобро во понатамошната кариера“ – се вели во соопштението на МЗТ Скопје.
За очекување е „металците“ да доведат ново засилување во пресрет на почетокот на натпреварувањето во Супер-лигата, каде МЗТ ќе се обиде да ја одбрани шампионската титула и да ја продолжи својата доминација на македонската кошаркарска сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА