Колумбиската возачка Татјана Калдерон ќе биде развоен и тест возач во тимот на Заубер за претстојната сезона во Формула 1. Покрај оваа улога, Калдерон паралелно ќе вози и во ГП3 серијата.
„Ова ми е извонредна шанса и голем чекор наперд кон остварување на мојот сон да настапувам во Формула 1“ – изјави 23-годишната Татјана Калдерон.
На 12-годишна возраст Калдерон почна да се натпреварува во картинг, а потоа возеше во британската Формула 3, возеше на „Флорида Винтер Серијата“ заедно со тогашните возачи во Ф1, Макс Верстапен и Ленс Строл, а лани заврши на 21.место во ГП3 сријата.
Колумбијката ќе го тестира болидот на Заубер на стимулатор и ќе работи со инженерите на Заубер за време на гран-при викендите. Паралелно со ангажманот како тест возач во Ф1, Калдерон ќе продолжи и со настапите во ГП3 серијата.
Татјана Калдерон е новата надеж и една од ретките жени возачи во Формула 1. Од првата трка во Ф1 во 1950 до денеска само пет жени настапувале во квалификации или во трки во Формула 1, а наспроти нив, во Ф1 досега возеле дури 850 машки возачи.
Италијанката Лела Ломбарди е последната жена што настапила во Формула 1 пред 41 година и е единствена што освоила бодови во ова натпреварување. Покрај Ломбарди на трка во Формула 1 има настапено единствено уште Марија Тереза де Филипис во далечната 1958 година, додека Дивина Галиција, Дезајар Вилсон и Џована Амати возеле само квалификации. Амати беше последна жена што возела квалификации и тоа во 1992 година.
После тоа има уште неколку жени во Ф1, но сите тие главно се развојни или тест возачи и никогаш не добиле можност да возат во квалификациите или во трките во Формула 1. Во 2014, Сузи Волф настапи за Вилијамс на тренинзите прет трката во Силверстон, но наредната година таа ја напушти Формула 1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА