Полуфиналето од Купот на Македонија се покажа кобно за Девон ван Острум, откако британскиот репрезентативец заработи тешка повреда на коленото против Фени индустри. Раководството на македонскиот првак обелодени дека Ван Острум веќе се поздравил со соиграчите и заминал за Лондон, каде врз него ќе биде извршен хируршки зафат на повредените лигаменти на коленото.
„Без разлика на фактот што плејмејкерот беше на краткорочен договор со важност до крајот на АБА-лигата (уште две кола), управата на МЗТ Скопје Аеродром му понуди на Ван Острум помош (логистичка и финансиска) околу операцијата која е неопходна при вакви повреди. Британецот, сепак, се заблагодари на понудената помош и во консултација со матичните лекари реши да се оперира во Лондон, каде што трошоците ќе му бидат покриени од Кошаркарската федерација на Велика Британија со оглед на статусот репрезентативец на оваа држава. Управата на МЗТ Скопје Аеродром останува подготвена да му помогне на Ван Острум во перидот на неговата рехабилитација, нормално во рамки на клупските можности, а воедно и му посакува брзо опоравување и успех во неговата понатамошна кариера“ – се вели во соопштението на МЗТ Скопје.
Британецот се покажа во добро светло откако дојде во редовите на „металците“, а управата на македонскиот првак сега најверојатно ќе доведе нов плејмејкер за завршницата од сезоната во домашното првенство, каде МЗТ Скопје ја брани титулата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА