Отказот што го доби Клаудио Раниери ја подели фудбалска Англија, дел од јавноста остро го критикува раководството на Лестер за ваквата одлука и нелојалноста кон шампионскиот тренер, но има и такви кои сметаат дека сентименталноста треба да се остави на страна, а во последните два месеци станало очигледно дека Италијанецот не може веќе да го извлече максимумот од своите фудбалери. Како и да е, неговата ера во Лестер веќе е завршена, а раководството на клубот ја почна потрагата по нов стратег.
Според англиските медиуми, во игра се четири главни кандидати, од кои во преден план се наоѓа поранешниот шампионски тренер на Манчестер сити, Роберто Манчини. Италијанецот одби богати понуди од Кина и во ниту едден момент не крие дека желба му е да се врати во Премиер-лигата. Трофејниот стратег сигурно посакува поголем клуб за камбек, тој ниту еднаш не водел битка за опстанок со своите клубови, што може да му претставува „минус“ во оваа трка.
Алан Пердју е тренер што знае како се опстанува во Премиер-лигата. Тој пред две месеци доби отказ од Кристал палас, но важи за стратег што знае да спроведе „шок терапија“ кога тимот тоне кон дното на табелата. Претходно има работено и во Вест хем, Њукасл, Саутемптон и Ридинг.
Мартин О’Нил има работено како тренер на Лестер од 1995 до 2000 година, а селекторот на Република Ирска би добил зелено светло за да му помогне на својот поранешен клуб до крајот на сезонава.
Во игра за оваа функција е и Најџел Пирсон, стручњакот што во 2015 година со фантастичен финиш на сезоната му овозможи на Лестер опстанок, но веднаш потоа беше заменет со Раниери.
Одлуката не е нималку лесна, особено бидејќи со отказот за Италијанецот беше навлечен и бесот на навивачите, а како што стојат работите, новиот стратег тешко дека ќе биде именуван навреме за да го води тимот на дуелот со Ливерпул, закажан за понеделник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА