Слабите игри во групната фаза од мундијалот во Франција придонесоа челниците на Бразилската Ракометна Федерација да бараат наследник за актуелинот селектор Вашингтон Нуњеш. Како што јавува бразилскиот портал „Глобо Еспорте“, меѓу петте кандидати за нов селектор на оваа репрезентација се наоѓа и актуелниот тренер на РК Вардар, Раул Гонзалес.
Нуњеш го наследи Жорди Рибера на клупата на Бразил по ОИ во Рио, но „кариоките“ играа далеку под своите можности на последниот мундијал, особено во групната фаза. Иако во осминафиналето минимално беа поразени токму од Рибера со Шпанија, таа една добра партија не го промени ставот на челниците на федерацијата, кои се подготвени да се разделат од Нуњеш и да доведат ново врвно тренерско име.
Раул Гонзалес врши одлична работа во Вардар, што дефинитивно му е силна препорака во трката за оваа функција. Сосема очекувано, поголемиот дел од кандидатите за местото селектор на Бразил се Шпанци, па така покрај Раул на листата со желби се наоѓаат уште и екс-тренерот на Веспрем, Антонио Карлос Ортега, потоа поранешниот тренер на Висла, Маноло Каденас, како и актуелниот стратег на Ла Риоха, Јота Гонзалез. Како петти кандидат се споменува името на шведскиот стручњак Магнус Андерсон.
„Точно е дека имаме неколку кандидати за функцијата селектор. Вашингтон Нуњеш не доби отказ, неговиот договор секако се однесуваше само за мундијалот во Франција. Јасно ни е дека ни е неопходно поголемо меѓународно искуство во ракометот во нашата земја, затоа новиот селектор сигурно ќе биде странец“ – изјави Маноло Луиз Оливеира, претседател на Бразилската Ракометна Федерација.
Бразилците воедно ќе бараат и нов селектор за женската репрезентација, каде главен фаворит е поранешниот тренер на Вардар, Данецот Јан Питлик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА