Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, вели дека нема никакви проблеми со екипата и со новиот клупски колега Валтери Ботас, појаснувајќи го својот став околу поделбата на податоците на тестирањата пред почетокот на сеозната.
Британецот неодамна изјави дека не се согласува со тоа што се објавуваат податоци за тестирањата и за тактиката на возачите, што е практика во Формула 1. Тројниот светски шампион додава дека не е чесно податоците за неговото движење и за кочењата на патеката да се делат внатре во екипата бидејќи така другите возачи стекнуваат предност анализирајќи го она што го сработеле другите.
„Излегувам на патеката, возам кругови, ја одработувам целосно „домашната задача“, а после другото момче сето тоа може да го види. Ги прашав моите соработници за тоа. Мислам дека не е чесно тој да прикаже се што направил, најдобро што знае, а после јас сето тоа да го анализирам на компјутер. Поради тие податоци другите можат да ве копираат, така што на едно место ќе кочат пет метри порано, на друго место два метри. Тоа, навистина не ми се допаѓа. Затоа го сакам картингот. Тоа таму не можете да го направите. Таму може да блесне само суров талент“ – забележа Хамилтон.
Британскиот возач на својот Твитер профил објасни дека овие изјави не се упатени ни до Мерцедес ни до Ботас, кој го замени Нико Розберг во тимот, туку дека тоа се негови генерални забелешки за начинот на работа во подготовките пред стартот на новата сезона.
„Сакам да појаснам, воопшто не го критикувам мојот тим. Ставот за делење податоци е мое мислење за нашиот спорт воопшто. Тоа го мислам од првиот ден во Формула 1 и така мислам и 10 години подоцна. Немам проблем со мојот тим, немам проблем ни со Ботас“ – напиша Луис Хамилтон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА