Баер Леверкузен и Атлетико Мадрид ќе се сретнат во осминафиналето од Лигата на шампионите, што е втора прсметка на овие два ривали во истата фаза од ЛШ во последните три години. Во 2015 по подобро изведување на пенали славеа „јорганџиите“ од Мадрид, но „фармацевтите“ се оптимисти дека овојпат ќе најдат лек за избраниците на Диего Симеоне и на крајот ќе се одмаздат за елиминацијата од пред две сезони.
„Колку што се сеќавам, тогаш бевме елиминирани бидејќи среќата беше на страната на противникот. Знаејќи дека пред две сезони игравме израмнето со нив, сега полни со самодоверба влегуваме во следниот натпревар. Треба да ги носиме вистинските одлуки во вистинско време, а неопходно е да се има играч што ќе знае да ја искористи шансата, бидејќи на ваквите средби не се создаваат премногу ситуации за гол. Мислам дека Хавиер Хернандез ќе ја заврши таа работа за нас“ – изјави тренерот на Баер, Роџер Шмит.
„Фармацевтите“ се без пораз на последните десет домашни средби во европските купови (пет победи и пет реми), поради што Диего Симеоне со огромен респект гледа на денешниот противник. Актуелниот европски вицешампион се соочува со огромни проблеми во одбраната, поради повредите на Хуанфран, Годин и Фернандез.
„Леверкузен има многу силна екипа, пред се со крилата Белараби и Хаверц и со Чичарито во нападот. Јасно е дека ќе сакаат да ни создадат многу проблеми во одбраната, ќе играат со силен интензитет, но тоа ни одговара бидејќи и ние сме познати по истото. Во последно време играме во добра форма, па очекувам да продолжиме во ист ритам и во Германија“ – истакна аргентинскиот стратег на клупата на Атлетико.
Фудбалерите на Атлетико загубија на последните три гостувања во Германија, па останува да се види дали Гризман и соиграчите ќе успеат да стават крај на оваа „црна серија“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА