Рајн Некар Левен беше подобар во завршницата и славеше победа против Кристијанштад со 29-31, во натпреварот од 11.коло од групната фаза во Лигата на шампионите. За германскиот шампион ова беше седма победа со која стигнаа на второто место во групата Б, со еден бод помалку од Вардар кој е на лидерската позција со 16 бода.
Во составот на Рајн Некар Левен на гостувањето во Шведска ги немаше двајцата македонски репрезентативци – Филип Талески нема право на настап за германскиот тим во натпреварите од ЛШ, а Дејан Манасков паузира поради повредата на мускулот на ногата што ја заработе на СП во Франција. „Лавовите“ настапија и без левиот бек, Ким Егдал ду Риц кој исто така паузира поради повреда.
Кристијанштад во поголемиот дел од натпреварот беше во предност со 1-2 гола разлика. Шведскиот тим успешно му парираше на фаворизираниот противник се до завршницата на мечот. Но, искуството и квалитетот на Рајн Некар Левен дојде до израз во решавачката последна четвртина во која успеаја да направат пресврт и да стигнат до триумф. Со серија од 3-0 Германците поведоа со 21-23, ја презедоа контролата и тука им ставија крај на надежите на Кристијанштад. Шпанскиот пикер Рафаел Баена беше непогрешлив во составот на Рајн Некар Левен со осум гола од осум обиди, Анди Шмит постигна седум, а Патрик Грецки пет гола за гостинскиот тим. Кај Кристијанштад најефикасен беше Андреас Гудмундсон со 10 погодоци.
Во последниот натпревар од ова коло во групата Б играат Целје и Кјеце.
Табела: Вардар 16, Рајн Некар Левен 15, Кјелце 14(-1), Пик Сегед 13, Мешков Брест 11, Кристијанштад 6, ППД Загреб 5, Целје 5 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА