Шкендија беше максимално активна во зимскиот преоден рок, доведе ново тренерско име, Германецот Томас Брдариќ, како и неколку значајни засилувања со искуство и од Бундес-лигата. Во последниот ден од преодниот рок беше доведен и македонскиот репрезентативец Бесарт Абдурахими, па сега Ферхан Хасани како капитен ќе предводи еден навистина квалитетен тим во пролетниот дел од шампионатот.
Во трката за титулата Шкендија заостанува четири бода во однос на лидерот Вардар, и тоа значи дека тетовци не смеат да си дозволат „киксови“, посебно не на домашен терен. Денеска во Тетово ќе гостува Силекс, кој во последното есенско коло го изненади Вардар во Скопје, а игра посебно добро откако Жикица Тасевски го презема кормилото на кратовскиот прволигаш.
„Посакуваме успешен старт и само трите бода ни се во мислите. Секако, имаме максимален респект за гостите. Сепак, веруваме во нашите квалитети, мислам дека добро се подготвивме за пролетните искушенија и доколку одиграме како што умееме, Силекс ќе падне во Тетово. Потребна ни е поддршка и од публиката затоа што заедно сме посилни“, порачува Ферхан Хасани пред денешниот дуел.
ПРВА ЛИГА, 19.КОЛО – 14 Ч.
ВАРДАР – ШКУПИ (Телеком Арена – Скопје)
ПОБЕДА – ПЕЛИСТЕР (Стадион „Младост“ – Струмица)
ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС (Градски стадион Тетово)
МАКЕДОНИЈА ЃП – РАБОТНИЧКИ (Стадион во Ѓорче Петров)
БРЕГАЛНИЦА – РЕНОВА (Градски стадион во Штип)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА