Поради реконструкцијата на двата стадиони, и во Прилеп и во Битола, пелагониското дерби меѓу Победа и Пелистер од денешното 19. коло во Првата македонска фудбалска лига од 14 часот ќе се игра во Струмица.
Прилепчани и битолчани, традиционалниот соседски ривалитет, овој пат го селат во Струмица во обидот на стартот од пролетната сезона да дојдат до првите бодови. Во таборот на Победа се убедени дека може да го изненадат Пелистер кој, во секој случај, ја носи фаворитската улога…
„Тоа што играме надвор од Прилеп е еден голем хендикеп за нас. Сите знаеме каков амбиент би приредиле нашите навивачи да се игра во Прилеп. Но што е тука е, работите се такви какви што се и најмалку зависат од нас фудбалерите. Треба да се издржи оваа ситуација. Треба да се одигра уште едно дерби на Пелагонија на хартија на наш терен а во реалност на гостински терен, далеку од дома во Струмица. Знаеме дека Пелистер е квалитетна екипа. Има доста добар и широк ростер на играчи и со игрите и резултатите изминатава есен се издвоија како трета екипа во лигата. Но самиот факт дека се работи за пелагониско дерби мислам дека дополнително ќе не мотивира да дадеме максимум од своите можности и да го изненадиме противникот. За нас пролетва нема да има лесни и тешки натпревари. На сите треба да играме на победа. Сметам дека шансите се подеднакви на ова дерби. Доколку се даде максимумот и се исполнат задачите дадени од стручниот штаб мислам дека можеме да дојдеме до посакуваните бодови“ – вели искусниот дефанзивец на Победа, Александар Крстески.
Од друга страна, по сите ремија на пријателските натпревари за време на подготовките во Анталија, Пелистер посакува победа да одбележи токму на стартот од вториот дел од шампионатот.
„Наша јасна цел сезонава е обезбедување европска виза. А за да се реализира тоа секако треба освојување бодови на секој натпревар. Тоа е наша цел и на пресметката со Победа, иако знаеме дека ќе биде цврст неизвесен меч. Но, верувам во овие наши момци кои се подготвени да атакуваат на триумф“ – вели шефот на стручниот штаб на Пелистер, Наџи Шенсои.
ПРВА ЛИГА, 19.КОЛО – 14 Ч.
ВАРДАР – ШКУПИ (Телеком Арена – Скопје)
ПОБЕДА – ПЕЛИСТЕР (Стадион „Младост“ – Струмица)
ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС (Градски стадион Тетово)
МАКЕДОНИЈА ЃП – РАБОТНИЧКИ (Стадион во Ѓорче Петров)
БРЕГАЛНИЦА – РЕНОВА (Градски стадион во Штип)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА