Работнички и Карпош соколи ќе се сретнат вечерва (18 часот) во првиот полуфинален натпревар од Купот на Македонија, во скопската пресметка во салата „Јасмин“ во Кавадарци која ќе го даде името на првиот финалист во ова натпреварување. „Соколите“ од Карпош влегуваат во оваа пресметка како благи фаворити, поради фактот дека станува збор за квалитетен состав што во последните неколку месеци игра на високо ниво во АБА-лигата, но и бидејќи избраниците на Драган Николиќ ќе бидат посвежи бидејќи во четвртфиналето вчера во 13 часот рутински го совладаа Вардар, додека Работнички имаше тешка задача во дербито против Куманово.
„Карпош соколи е квалитетен тим што игра добра кошарка и во АБА-лигата, но да бидам искрен јас повеќе стравувам од нас самите и недостигот на свежина што би можел да ни се случи. Отсуството на Владо Илиевски е огромен проблем, а Мираковски и Тасовски одиграа одлично со Куманово иако долго време беа повредени. Победата во четвртфиналето беше нешто што силно го посакувавме, задоволни сме поради тоа, но прашање е колку сила ни е останата за да можеме да се носиме со „соколите“. Едно е сигурно, многу повеќе ќе го ротирам тимот бидејќи неопходно ќе биде да го одржиме високото темпо на игра на кое сигурно ќе инсистира противникот. На хартија екипата на Карпош соколи е фаворит, но ние сигурно ќе сториме се што можеме за да славиме и на денешниот натпревар“ – изјави тренерот на Работнички, Марин Докузовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА