Пелистер, денеска (19 ч.), ќе му биде домаќин, а утре гостин на Спортинг во Лисабон, во истиот термин, во двомечот од осминафиналето од Челинџ купот. Фаворитската улога на противникот, но и финансиската состојба во клубот и реновирањето на салата „Младост“ ги натераа пелистерци да ја прифатат понудата за двојно гостување во Португалија.
„Доколку ни се пружи и најмала шанса ќе се обидеме да ја искористиме. Спортинг е фаворит во овој дуел, а според мене и фавориот за освојување на Челинџ купот. Но, ние нема да се предадеме. Физички и тактички сме добро подготвени, имаме екипа која добро трча и може да поднесе да одигра два квалитетни натпревари во два дена. Влегуваме максимално мотивирани во овој дуел. Колку тоа ќе биде доволно против Спортинг, ќе видиме на терен“ – истакна тренерот на Пелистер, Касим Каменица пред двомечот во Лисабон.
На патот до осминафиналето во Челинџ купот, Пелистер во претходната рунда ја елиминира Вогошча со победата на реваншот на гостувањето во БиХ (28-25), откако загуби на првиот меч во Битола (21-23). Спортинг пак, со две победи го елиминира италијанскиот претставник АСД Ромања (32-25, 37-24), во двомечот кој исто како и овој со Пелистер, се одигра во Лисабон.
За португалскиот тим на десен бек настапува австрискиот репрезентативец Јанко Божовиќ кој лани го носеше дресот на Металург. На полусезоната во составот на Спортинг дојде и поранешниот играч на Барселона, Карлос Руесга. Токму двајцата искусни бекови ќе бидат и најголемата опасност по голот на Пелистер во овој осминафинален дуел во Челинџ купот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА