Тренерот на Фени Индустри, Љупчо Малинков е задоволен од изданието на неговиот тим во четвртфиналната пресметка од Купот на Македонија и убедливата победа против Охрид.
Малинков верува дека со добар скаутинг за следниот противник може да се одигра добри и во полуфиналето, па да се стигне до финалето.
„Одигравме еден одличен натпревар на високо ниво. Дадовме 112 коша и мислам дека одлично одигравме, како во нападот така и во одбраната. Шутевите треба да ги подобриме, но за тоа ќе размислуваме понатаму. Полуфиналето не е мала работа. Двете екипи кои можат да ни бидат противници се одлични, но мислам дека со еден добар скаутинг можеме да очекувам добра игра како оваа денес“ – истакна по мечот Малинков.
Слично е размислувањето и на Бобан Стајиќ…
„Како прв натпревар сметам дека се покажавме одлично. Победивме со огромна разлика и притоа успеавме да ги заштедиме клучните играчи. Нашиот фокус уште од пред почетокот беше полуфинале со МЗТ Скопје или со Кожув. Го очекуваме шампионот, но не се плашиме од предизвикот. Ја подигнавме тимската хемија со победата, огромната разлика сигурно придонесува и за поголема самодоверба. Ќе го анализиравме противникот и одиме на победа“ – вели кошаркарот на Фени.
Од таборот на АВ Охрид честитаат на противникот, потенцирајќи дека по промените во тимот и не ни можеле да се надеваат на нешто повеќе.
„Уште кога го добивме Фени индустри како противник во ждрепката знаевме дека тие ќе бида апсолутни фаворити. Ние имаме некои пермутации во клубот. Четворица нè напуштија во пресрет на Купот и имаме ден нов од кој сум презадоволен, а се надевам дека во иднина ќе донесеме и една ’петка’ со која ќе го затвориме рекетот. Натпреварот покажа дека квалитетот преовладува кај Фени“ – вели тренерот на Охрид, Петар Чочороски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА