Раководството на ЖРК Вардар успешно ги финишираше и преговорите со Андреа Лекиќ, па српската ракометарка денеска и официјално го стави потпис на новиот двогодишен договор со македонскиот првак. Лекиќ дојде во Вардар во 2013 година, а нејзиното останување е во согласност со амбициите за атак на самиот врв на ракометениот врв.
„Не би останувала доколку не сум задоволна. Со овие две години моето останување во Вардар ќе биде шест сезони, и тоа е најмногу што сум се задржала во некој клуб досега. Ова значи сѐ. Не постои нешто што не ми одговара во клубот. Играме и добро, и поставените цели се исти, па тоа е она што те влече напред. Сакам да го напаѓам врвот, а Вардар тоа постојано ми го обезбедува, за да бидеме секогаш напред“, вели Андреа Лекиќ за официјалната веб-страница на ЖРК Вардар.
Српската репрезентативка беше најзаслужна за драматичната победа над Турингер, по што разговорите уште повеќе се интензивираа, за денеска да биде официјализирано продолжувањето на соработката.
„Она што е добро и квалитетно Вардар сака да го има во своите редови. Лекиќ е играч од светска класа која во Вардар покажува одлични партии и ние сакаме таа да биде дел од нашата приказна и во иднина. Заедно да го освоиме европскиот врв и да ја исполниме клупската цел. Лекиќ е дел од самиот почеток на Вардар кога тргнавме во создавање на европски бренд, и сега сме на чекор до она што ни беше задача. Веруваме дека соработката меѓу Вардар и Лекиќ и во иднина ќе биде плодна и полна со успеси“ – истакна Давор Стојаноски, извршен директор на Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА