Женската екипа на Вардар по примерот на големите европски клубови, со време го составува ростерот на екипата за следната сезона. Ново име во тимот засега официјално е само Драгана Цвијиќ која доаѓа како екстра засилување на пикерската позиција. Во оптек се и информациите за преговори со Кристина Неагу, но според последните сознанија, романската репрезентативка е многу поблиску до договор со актуелниот европски шампион ЧСМ Букурешт и враќање во Романија.
Од постоечкиот состав на Вардар според најавите ќе биде сочуван костутрот на тимот. Засега е извесно дека ќе продолжи соработката со бековското трио – Андреа Лекиќ, Андреа Пенезиќ и Андреа Кликовац. Црногорската репрезентативка е дел од тимот уште кога почна новиот проект во ЖРК Вардар во 2012 година и според неофицијалните информации, Кликовац ќе го носи дресот на Вардар и во наредните две сезони.
Андреа Лекиќ во ЖРК Вардар дојде во 2013 година и заедно со Андреа Пенезиќ која пристигна во Скопје една година подоцна, ја сочинуваат ударната сила во нападот на „црвено-црните“. Овој бековски двоец ќе го предводи ЖРК Вардар и во наредната сезона.
Засега се уште е неизвесен статусот на десниот бек Барбара Лазовиќ, во најава е дека од Вардар си заминува Татјана Хмирова, а на излезна врата најверојатно ќе биде и Ања Алтхаус.
Вардарки имаат серија од осум победи во Лигата на шампионите и моментно се на лидерската позиција во Групата 1 од главната фаза на ЛШ. Три години по ред Вардар е учесник на Ф4 турнирот во ЛШ во Будимпешта и три пати досега го освојува третото место. Амбициите на македонскиот шампион се годинава да го помине полуфиналето и да се искачи повисоко на европскиот подиум.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА