Добро познато е дека Златан Ибрахимовиќ освои се што можеше да се освои на „домашната сцена“ со сите клубови за кои настапуваше во Холандија, Шпанија, Италија и во Франција, но шведскиот ас ја нема во својата колекција на трофеи круната во Лигата на шампионите. Иако тврди дека не се оптоварува со епитетот европски првак, јасно е дека тоа е единствениот голем трофеј што му недостига на клупски план, а разочарувањето е уште поголемо ако се земе „клетвата“ што ја симнуваат клубовите откако Ибрахимовиќ ќе си замине од нивните редови.
Оваа незгодна традиција почна во 2009 година, кога Златан имаше извонредна соработка со Жозе Мурињо во Интер. Тој сепак реши да си замине од „Џузепе Меаца“ и да се пресели во Барселона со образложение дека сака да биде во тим со кој ќе има поголеми шанси да стане европски првак. Имаше само еден проблем, Ибра наскоро влезе во конфликт со Меси, па потоа и си замина од „Камп ноу“. Во меѓувреме, веќе во следната сезона Интер стана европски првак, во полуфиналето елиминирајќи ја токму Барселона.
Во 2010 година Барселона го продаде Ибрахимовиќ на Милан, а веќе на крајот од следната година, во 2011 година, каталонскиот гигант предводен од Лео Меси повторно се искачи на тронот во Лигата на шампионите.
Ибракадабра имаше неколку разочарувачки сезони со ПСЖ во нокаут фазата од ЛШ, а откако си замина од Париз и потпиша за Манчестер јунајтед, „светците“ синоќа ја декласираа токму големата Барселона со 4-0. Дел од причините се во извонредната тактичка подготовка на Унаи Емери, дел во велемајсториите на Анхел ди Марија, а мал дел сигурно и „проклетството во ЛШ“ наречено Златан Ибрахимовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА