Кристина Неагу се враќа во Романија и е блиску до поптишување договор со актуелниот европски шампион, ЧСМ Букурешт, објавија романските медиуми. Неофицијално, за најдобрата ракометарка во светот за 2015 година е заинтересиран и Вардар, но според Романците, во преговорите ЧСМ Букурешт е во предност.
Интересот на ЧСМ Букурешт за 28-годишната Неагу која во изминатите неколку сезони настапуваше за Будуќност, ја потврди и претседателот на клубот, Алин Петраче, најавувајќи дека наскоро трансферот ќе биде и официјално потврден.
„Наскоро ќе знаеме кога Кристина Неагу ќе може да се врати дома. Што има подобро од тоа да бидеш дома и да го имаш најдоброто? Кристина е најдобрата ракометарка во светот. Ако се направи паралела со фудбалот, кој не сака да го има Меси во тимот? Не сакам да зборувам за тоа какви се шансите за реализација на трансферот, можам само да кажам дека ги почнавме преговорите и дека сме многу блиску до реализација“ – изјави Петраче за романскиот „Проспорт“.
Неагу својата професионална карира ја почна во екипата на Брашов за која насташуваше во периодот од 2009 до 2013, краток период беше во составот на Олчим Влчеа, а од 2013 година е во Будуќност.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА