Тениската легенда Борис Бекер истакнува дека се менуваат ликовите во врвот на светскиот тенис и дека 2017 година ќе биде многу поразлична од претходната, а прв доказ за тоа е годинашниот Австралија опен. Бекер, кој до лани му беше тренер на Ѓоковиќ, посочува дека Ѓоковиќ и Мареј нема да бидат толку доминантни како порано и дека Федерер и Надал се враќаат на големата сцена.
„Рафа Надал и Роџер Федерер на Мареј и на Ѓоковиќ им испратија јасен сигнал дека се вратија. Надал сега е фаворит на Ролан Гарос, веќе покажа за што се е способен. Нивното финале во Мелбурн беше извонредно и отиде во пет сета – како во најубав роман. Никој не очекуваше дека тие двајца ќе се борат за титулата. Дојдоа после повредите и и двајцата имаат над 30 години. Федерер заслужи да победи затоа што на крајот беше похрабар“ – вели Борис Бекер.
Минатата сезона во целост беше во знакот на двајцата најдобропласирани играчи на АТП листата. Но, Бекер смета дека сега ситуацијата е многу поразлична.
„Сега Енди и Новак знаат дека нема да им биде лесно во 2017 година и дека победите нема да бидат нивно ексклузивно право. Сега тука повторно имаме група од четири-пет тенисери, ако го вклучиме и Вавринка. За тенисот е одлично што се врати Рафа, бидејќи тој се уште не го кажал последниот збор“ – истакнува легендарниот Германец.
Бекер ги демантира бројните шпекулации за нарушените односите со Новак Ѓоковиќ по завршувањето на нивната соработка.
“Ние и понатаму сме добри пријатели и често разговараме“ – вели тој.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА