„Бомба“ во Вардар: Валери Божинов понуден на шампионот

Последен ден од преодниот рок во Македонија. Постои малку поголема раздвиженост, посебно кај најголемите клубови кои ќе се борат за титулата. Шкендија е на прагот да го ангажира Бесарт Абдурахими, а во Вардар е понуден бугарскиот интернационалец Валери Божинов. Напаѓачот на Партизан, кој во својата богата кариера ги има носено и дресовите на гиганти како Јувентус, Манчестер сити и Парма, би можел наредните шест месеци да ги одигра како позајмен играч во дресот на Вардар. Но, раководството на „црвено-црните“ треба брзо да реагира и до крајот на денот да успее да ги реализира сите детали околу евентуалниот договор.

Божинов не замина на зимски подготовки со Партизан, откако тренерот Марко Николиќ го остави во Белград, самиот да тренира, пред се поради неговиот однос. Одамна е познато дека Валери Божинов е голем шармер и дека сака да ужива во животот, па спортскиот начин на живеење и не му е најсилна страна. Тој има уште шест месеци од актуелниот договор со српскиот клуб, па раководството се обидува да му пронајде соодветен клуб каде ќе ја одигра пролетта, а со тоа и да го тргне од своите редови.

valeri bozinov partizan

Српските медиуми во изминатиот период споменуваа повеќе опции каде би можел да замине Валери Божинов, од враќање во бугарскиот Левски, до заминување во Грција или Швајцарија, а во текот на денот може да заврши и во Вардар. Но, самиот Божинов за бугарските медиуми изјави дека сака да остане во Белград и во текот на пролетта да се докаже кај тренерот Марко Николиќ.

„Само јас решавам дали ќе заминам или не. Клубот можеби има планови, но јас одлучувам. Мојот план е да останам во Белград и да се докажам кај тренерот Марко Николиќ. Неколку голови ќе сменат многу работи“, изјави Валери Божинов.

А дотогаш, Божинов си најде каде да „заигра“…Во најновиот музички спот на Цеца Ражњатовиќ…

valeri bozinov 2

Се вчитува...