Серијата од четири победи во Евролигата на Фенербахче беше прекината вечерва, откако тимот на нашиот Перо Антиќ загуби на градското дерби против Дарушафака (72-65). Актуелниот европски вицешампион има за што да жали, особено ако се земе во предвид одличниот старт на натпреварот и раното водство од 5-15.
Антиќ и соиграчите ја завршија првата четвртина со двоцифрена предност (10-20), но потоа одиграа слаба одбрана во вториот период, па Дарушафака со тројката на Вонамејкер сстигна до предност од 34-31. Во последните десет минути се влезе со израмнети 47-47, за потоа во четвртата четвртина „сино-жолтите“ да промашат бројни шутеви за тројка, по што домашниот тим со сигурна реализација во клучните моменти стигна до голема победа.
Македонскиот интернационалец одигра само осум минути од оваа средба, постигнувајќи три поени (1/2 за тројка). Богдановиќ со 18 и Удох со 14 поени беа најдобри поединци кај Фенербахче, а најдобар стрелец на натпреварот беше домашниот кошаркар Вил Клибурн со 20 поени, додека Жижиќ оствари дабл-дабл од 14 поени и 10 скокови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА