Борусија Дортмунд е ригорозно казнета за дивеењето на своите навивачи на минатонеделниот натпревар против Лајпциг, па така „милионерите“ на следниот домашен бундеслигашки натпревари ќе ја немаат поддршката на своите најверни навивачи сместени на трибината позната како „жолт ѕид“. На овој дел од стадионот на куп-средбата со Херта се појавија транспаренти со извинувања за претходните инциденти, но Германската Фудбалска Федерација не покажа милост, туку ја казни Борусија со 100.000 евра парична казна, како и со затворање на „жолтиот ѕид“ за следната домашна средба на Борусија.
Пред, за време и по натпреварот со Лајпциг дојде до бројни инциденти на и надвор од стадионот, а полицијата во Дортмунд објави дека уапсила 28 домашни навивачи поради обид за напад на фановите на Лајпциг. Сепак,. казната изречена од страна на федерацијата се однесува само на инцидентите на самиот стадион, при што е наведено дека истата е изречена поради „навредливи пораки кон Лајпциг, фрлање со полни кригли пиво кон гостинските навивачи, како и попречување на противничките фудбалери со употреба на ласери“.
Германските медиуми наведуваат дека „милионерите“ веќе имале условна казна од претходните сезони, а најновите инциденти само го активирале затворањето на трибината на најверните навивачи на Борусија, поради што се очекува „милионерите“ воопшто да не врачат жалба за ваквата одлука.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА