ЦСКА со „стотка“ ја преслуша Црвена звезда

ЦСКА Москва забележа нова сигурна домашна победа во Евролигата, славејќи во пресметката против Црвена звезда со убедливи 102-80. Видно мотивирани по поразот од 78-67 на последното гостување во Белград, актуелните европски шампиони одиграа одличен офанзивен натпревар, декласирајќи ја една од најдобрите одбрани во лигата. Кај „црвено-белите“ значително се почувствува отсуството на Јовиќ и на Дангубиќ, без чија помош ниту нападот ниту одбраната на тимот на Радоњиќ не беа на посакуваното ниво.

Офанзивната доминација на рускиот шампион почна уште во првата четвртина, во која избраниците на Итудис за десет минути постигнаа дури 33 поени (33-26). Црвена звезда заигра нешто подобра во одбраната во вториот и третиот период, но триумфот на ЦСКА во ниту еден момент не беше доведен во прашање. Напротив, актуелниот европски првак одигра доминантно во последните десет минути, на крајот триумфирајќи со преубедливи 22  поени разлика.

Нандо де Коло со 25 поени и шест асистенции беше најдобар стрелец на ЦСКА, пред Курбанов со 18 и Теодосиќ со 16 поени. Кај Црвена звезда најефикасни беа Митровиќ со 16 и Џенкинс со 12 поени.

Се вчитува...