(ИН)ДИРЕКТ: Јонуз? Хари? Никогаш да не се повтори!

Екипа

Во овој наш вмро-сдсмовски црно-бел свет, фудбалот се уште ни наликува на оној некогашниот, со црно-бели осмоаголници…Топката е полуиздишана, едвај се тркала, ама барем почна…

Во периодов кога сите пуштаат телевизор, или стискаат рифреш на компјутер, за да видат дали ќе има влада, и кој ќе ја состави, јас за фудбалов си пишувам. Но, и тука има политика, не се секирајте, и тоа на врвно ниво… Едните велат Илчо бил на Грујо, а другите дека новиов „корпиран кандидат“ за претседател – Јонуз, бил на Зајко…

За оние пак што не се добро информирани, на 18.февруари ќе има Изборно Годишно Собрание на ФФМ. Избраниот ќе има на располагање околу 11 -12 милиони евра годишно. Затоа всушност и се крева толкава фама. На сите сакаат да им „лепат“ рачињата. Верувајте, САМО за фотелјите се работи.

Веднаш да расчистам со Вас што го гледате фудбалот само низ призма на политика… Заборавете на „вашите“ и на „нашите“, оставете ги розевите и замаглените наочари и дај малку видете и во реалноста.

Не сме светска фудбалска сила. Никогаш и не сме биле. Илјада пати сум пишувал…немаме ни два стадиони кои што можат да задоволат и најминимални стандарди. Немаме ни клубови со европски манири, туку само си мечтаеме и самите себе си се залажуваме дека сме добри.

Не сме добри во фудбалот ниту сега, ама дефинитивно во минатото бевме уште полоши. Знам што ќе ми речете, сега сме… 165-ти на листата на ФИФА. Е, добро де, конечно и ФИФА сфати каде треба да не рангира…Она претходното беше само привидно залажување, кое некои си го користат за самопромоција. Всушност, е само пуста утопија.

Да се вратиме на изборите. Тие кај нас се ѕвездата водилка до подобар живот. Така е и во фудбалот. Ако те изберат, располагаш со милионите, и почнуваш да правиш фудбал. Каков – таков…

Е, сега, треба да знаеш и со милионите. Доаѓаат од УЕФА и од ФИФА, ама треба да знаеш и да ги менаџираш. И да оставиш нешто зад себе, дека си одработил.

Илчо Ѓорѓиоски, и неговите соработници од ФФМ, колку некои и да сакаат да ги плукаат, да им лепат политички етикети, а не и дека ептен ги нема, добро си ја работат својата работа.

Во изминатите две – три години, Македонија ЗА ПРВПАТ се пласира на едно Европско првенство, со селекцијата до 21 година, за која сите верувам дека се сложувате дека е „херојска“ и велемајсторски предводена од Благоја Милевски.

Исто така, ЗА ПРВПАТ во Македонија, во главниот град Скопје, на „Телеком Арена“ ќе се одржи светски позната фудбалска манифестација, Суперкупот на Европа. Ќе играат победникот од Лигата на шампионите и победникот од Лигата на Европа. Или во превод, тоа што досега сме можеле да го гледаме само на телевизија, а некогаш ниту на ТВ, сега ќе се одвива пред нас, во живо, во Македонија. Нашата земја ќе биде центарот на фудбалскиот свет, и отсега нагаѓаме кои европски гиганти би можеле да гостуваат. Јас сакам Реал Мадрид, друг Барселона, трет има желба Манчестер јунајтед како освојувач на Лигата на Европа.

Значи, во Скопје, во Македонија. Тоа досега ниту било, а којзнае и кога пак може да биде. Не падна тоа од небо, ФФМ конкурираше, лобираше – и доби доверба. И уште поважно од тоа е дека конечно ќе навиваме за Македонија во фудбал и на едно Европско првенство. За млади селекции до 21 година, во Полска, оваа година.

И сега…се појавува Мирсад Јонуз, и некој Ѓурчевски, и фантомска „Обединети за фудбалот“ и викаат – ова не чини. Тапа сме…165-ти во светот со сениорите. Точно е. На тоа место сме.

Ама за сениорите сега играат тие што беа јуниори, младинци, кадети, кога Јонуз, Хари, Ѓурчевски, Џиџи…беа селектори, во Управни одбори…го водеа фудбалот. Ете затоа сме сега 165-ти.

А од „Обединетите“ само соопштенија и никаква помош. Барем еден клуб да земеа, да го ’пркнеа’, па да речевме овие навистина знаат да работат. Додуша, двајцата што таму имаат педигре – ги нема. Хаџиевски е во Дубаи, а Панчев во „Деветка“. На Драгче Томовски му поминало времето. Единствен кадровик за кој знам дека е квалитет, е Игор Климпер. Но, и тој сега со „Лајонес“ се бафта.

Секако, не давам јас амнестија како претседателот на државата, ниту за ова раководство на ФФМ дека може подобро со сениорите, јасно е дека не сакаме да сме последни, претпоследни во квалификациска група.

Но…се трудам, навистина се напрегам, да се потсетам што е тоа што Јонуз, Хари, Бунгур, Ѓурчевски, направиле добро за македонскиот фудбал?! И нема ништо драматично. Освен… „Лажиран“ резултат за медиуми…кога губиме 7-0, а се претставува 5-0…И, посета во Џенова, да се убедува Пандев да не игра повторно за македонската фудбалска репрезентација.

Можеби тие си имаат некои убави достигнувања што си ги паметат, ама не се ниту од далеку еквивалент на Европско првенство и на организација на Суперкуп на Европа. За овие позицииве…бевме 65-ти, сега сме 165-ти…од тоа ништо немаме. Само пролазна автобуска станица.

Затоа, како што би рекол Зајко… Јонуз? Хари? Никогаш да не се повтори!

Се вчитува...