Кошаркарите на Фени Индустри не успеаја да стигнат до втората своја победа во 4. коло од втората фаза во БИБЛ лигата, доживувајќи несреќен пораз во Кавадарци против бугарскиот Берое од 84-85 (24-16,17-23,26-20,17-26).
Во крајно драматичен натпревар со многу пресврти Фени на крајот сепак доживеа пораз, откако дозволи во последната четвртина гостинските кошаркари да надополнат осум поени негатива, а до победата да дојдат со поените на Американецот Рос на 4 секунди пред крајот.
Од почетокот на дуелот македонските кошаркари имаа резултатска предност, постојано контролирајќи ја играта. Во последниот период влегоа со значителни осум поени предност, но гостите на пет минути пред крајот стигнаа до пресврт со водство од 77-78. Во финишот, низ цврста игра под кошевите и наизменична размена на водство Фени на 1 минута и 40 секунди пред крајот дојде до предност од 82-20, за да гостите сепак успеат со три поени на Гудул да дојдат до 82-83. Магдевски повторно донесе водство за домашните (84-83), но Американецот Рос не дозволи победата да остане во Кавадарци реализирајќи на четири секунди пред сирената за конечни 84-85.
Најефикасен кај Фени беше Николовски со 18 поени, дополнети и со шест скока, а Шарабидзе го заврши мечот со 14 поени и 11 скока. Во тимот на Берое најдобар беше Американецот Џонс со постигнати 27 поени.
Фени остана на една победа во Групата Ц, колку што има и Кожув, Берое и натаму е убедлив со четири победи на врвот, а на второто место е Сутјеска со две победи и два порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА