Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски изминатата седмица во Анталија ги следеше во живо контролните натпревари на македонските екипи кои се наоѓаат на подготовки во познатото турско летувалиште. Предводникот на нашиот најдобар национален тим ги следеше натпреварите на Вардар против руски Амкар, Дукла Прага и Хајдук, двата натпревари на Шкендија против Термалика и Подбрезова, пресметките на Пелистер и Силекс против Кајсер и Шиник, дуелите на Академија Пандев против Шахтјор и Вождовац и натпреварите на Работнички против Дњипро, Терек Грозни и унгарски МТК.
„Многу значајно за нашите екипи кои се подготвуваат во Анталија е тоа што имаат идеални услови за тренинг и играат натпревари против силни европски тимови. За време на мојот престој во Анталија ги следев во живо натпреварите на Вардар, Шкендија, Работнички, Силекс, Академија Пандев и Пелистер и од она што го видов во оваа фаза на подготовки, очекувам да бидат максимално подготвени за продолжението од нашиот шампионат. За мене најважно беше да добијам увид во формата на актуелните репрезентативци, но исто така да се уверам во потенцијалот и квалитетите на играчите кои во иднина можеби ќе добијат шанса за настап во репрезентацијата. Ме радува тоа што сите репрезентативци, освен Спировски кој за брзо време ќе биде во полн тренажен процес, се во добра здравствена и натпреварувачка форма. Потенцијалните репрезентативци ќе продолжиме да ги следиме со цел да имаме јасна слика пред квалификацискиот натпревар против Лихтенштајн и пријателскиот против Белорусија“.
Ангеловски вели дека е задоволен од настапите на нашите интернационалци, посебно од гол формата на Илија Несторовски и Иван Тричковски.
„Нормално дека ги следам настапите на нашите фудбалери кои настапуваат во странство, како селектор исклучително сум задоволен од формата на Несторовски и Тричковски, двајцата постигнуваат голови и се многу значајни за своите тимови. Исто така, ме радува тоа што нашиот капитен Горан Пандев вчера настапи во првиот состав за Џенова, а имаше одличен настап во минутажата која ја доби и на претходните натпревари. Најважно е сите да бидат здрави и подготвени да ги дочекаме подготовките за продолжението од квалификациите“ – истакнува Игор Ангеловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА