Од лесна победа до „драма“ – Вардар го реши и Мец

Ракометарките на Вардар продолжуваат со одлични настапи во Лигата на шампионите, каде вечерашниот триумф над Мец од  23-21 беше вкупно седми во низа за „црвено-црните“. Под водство на Давид Дејвис македонскиот првак делува импресивно, а силата на „вардарки“ вечерва ја почувствуваа и актуелните шампионки на Франција, кои немаа сили за изненадување во Скопје. Солиден отпор во првото полувреме беше се што Мец успеа да стори во СЦ „Јане Сандански“, за во вторите 30 минути македонскиот првак да додаде гас и да стигне до нов триумф, со кој направи уште еден чекор напред кон осигурување на првото место во групата и добивање на полесен противник во четвртфиналето. Мец благодарение на судиите од Молдавија стигна до неизвесен финиш, но одбраната на Вардар го издржа притисокот кога нападот не функционираше и ја донесе новата победа.

 Тренерот Дејвис се реши за повеќе измени во стартниот тим, па така Песоа застана на голот, додека бековската линија на почетокот ја сочинуваа Дамњановиќ, Хмирова и Лазовиќ. Нападот беше далеку под очекувањата, одбраната уште послаба, па во 15. минута при резултат 6-6 Дејвис ги подготви своите најдобри ракометарки, предводени од бековското трио Лекиќ – Пенезиќ – Лакабрер. Кога Мец повторно дојде до водство од 6-7, Дејвис побара тајмаут, а по минутата одмор на теренот влезе најдоброто што „црвено-црните“ го имаат во своите редови. Само неколку минути беа доволни за ситуацијата на теренот да се промени, одбраната доби на цврстина, а во нападот Лакабрер и Радичевиќ донесоа пресврт, па македонскиот првак во 20. минута поведе со 8-7.

IMG_2944

Гостинскиот тренер зеде тајмаут при резултат 9-7, тимот на Мец извесно време ја консолидираше својата игра, за потоа Лакабрер да влезе во ритам и во 27. минута „вардарки“ за првпат да победат со три гола разлика (13-10). На одмор се замина со предност на Вардар од 13-11, откако Песоа во самиот финиш од полувремето одбрани зицер на Поп Лазиќ.

На самиот почеток од второто полувреме на голот на Вардар застана Амандин Лејно, во нападот три гола во серија (два од пенал) постигна Дамњановиќ, па разликата експресно порасна на 16-11. Мец првиот гол во второто полувреме го постигна на истекот од шестата минута преку Грос, но „црвено-црните“ веќе беа влезени во посакуваниот ритам.

IMG_3065

Идентично како и при првиот дел, Дејвис на средина од полувремето ја смени речиси цела1та екипа, па во игра влегоа Херем, Лекиќ, Пенезиќ, Лакабрер, откако нешто претходно Сара Ристовска го зазеде местото на Јованка Радичевиќ. „Вардарки“ се најдоа во криза во нападот откако осум минути не постигнаа гол, но за среќа на својот гол ја имаа одличната Лејно, која ја одржа предноста на сигурни четири погодоци (20-16).

Предолгиот „пост“ го прекина Лакабрер со прецизно изведен пенал, по што нападот на македонскиот состав повторно профуцнкионира, На седум минути до крајот атмосферата најпрвин се стивна откако Пенезиќ се повреди при еден одбранбен дуел, а потоа навивачите збеснаа откако слабите судии од Молдавија ја исклучија ракометарката на Вардар, која беше изнесена од теренот на рацете на своите тимски колешки. Мец знаеше како да ја искористи предноста од ракометарка повеќе и набрзина се приближи до 22-20, по што на четири минути до крајот исклучување заработи и Лакабрер, давајќи им на гостинките шанса за камбек. Глаузер погоди од гол на гол од својот шестерец и внесе тотална неизвесност во завршницата. Дамњановиќ направи почетничка грешка, но за среќа и Французинките згрешија при нападот за израмнување. Андреа Лекиќ изнуди пенал, што Лакабрер на 30 секунди до крајот не го реализираше. Мец повторно имаше напад за израмнување и ја погоди гредата, топката стигна до Радичевиќ, која од својата половина погоди во празната мрежа за конечен триумф од 23-21.

IMG_2955

Дамњановиќ беше најефикасна кај македонскиот шампион со пет гола, пред Лакабрер со четири и Радичевиќ, Алтхаус и Пенезиќ со по три погодоци.

Со оваа победа „црвено-црните“ ја задржаа удобната предност на врвот на табелата со 11 бода, два повеќе од Ференцварош и три повеќе во однос на Будуќност. Македонскиот првак во рамките од следното коло, наредната недела ќе гостува во Германија на дуел со екипата на Турингер.

Се вчитува...