Пред стартотот на ревијалниот меч меѓу ол-стар ѕвездите во Бундес лигата и репрезентацијата на Германија,во полната Лајпциг Арена, Германците официјално се разделија од Дагур Сигурдсон, селекторот кој во изминатите три години го врати сјајот на германскио репрезентативен ракомет. Под водство на 43-годишниот Ислаѓанец, лани Германија во сензационален настап стана шампион на Европа. Сигурдсон кој и покрај огромниот успех што го постигна, реши да ја напушти Германија и да ја преземе клупата на Јапонија, беше поздравен со бурен аплауз и овации од германската публика.
Иако на ревијалниот меч требаше да седи на клупата, Сигурдсон, сепак тоа им го препушти на своите помошници Аксел Кромер и Александер Хас, а тој од трибините го проследи дуелот во кој ол-стар тимот славеше против репрезентацијата на Германија (40-36).
Дагур Сигурдсон ја презеде репрезентацијата на Германија во 2014 година, во периодот кога репрезентацијата беше во резултатски пад по завршувањето на ерата на легендарниот Хајнер Бранд. Под негово водство Германците настапија на СП 2015 во Катар со вајлд-карта и стигнаа до четвртфинале. Најголемиот успех го постигна лани на ЕП во Полска на кое Германците ја освоија шампионската титула, а потоа се закитија со бронза на ОИ во Рио.
Последниот настап на Германија под водство на Сигурдсон беше минатиот месец на СП во Франција. Германија загуби од Катар и неочекувано беше елиминитрана уште во осминагфиналето. Во конечниот пласман заврши на 9.место на СП, а Сигурдсон за овој настап потоа ќе каже дека му е најголемото разочарување.
„Ова беше најголемото разочарување во мојата кариера како селектор на Германија. Направив грешки“ – изјави Исланѓанецот.
На 31 јануати и официјално заврши неговиот ангажман како селектор на Германија. Новиот предизвик за исландскиот стратег е репрезентацијата на Јапонија која ќе ја подготвува и ќе ја предводи во настапот на ОИ 2020 во Токио. Неговото место на клупата на Германија пак го презеде Кристијан Прокоп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА