Фенербахче и во вториот натпревар сезонава славеше над актуелниот европски првак ЦСКА Москва, овојпат на домашен терен со резултат 77-71, одмаздувајќи му се на рускиот гигант за поразот во последното евролигашко финале. Перо Антиќ и неговите соиграчи беа подготвени за предизвикот и знаеја како да го искористат отсуството на Милош Теодосиќ од таборот на гостинскиот тим. По израмнетото прво полувреме кое заврши со минимална предност на гостите од 36-40, турскиот шампион конечно заигра квалитетна одбрана во третиот период од овој дерби дуел. Во овој дел од мечот, во кој и Антиќ се наоѓаше на теренот за Фенер, „сино-жолтите“ создадоа и двоцифрена предност, трасирајќи си го патот до победата. ЦСКА до крајот успеа да дојде само до „минус четири“, па избраниците на Итудис со наведнати глави ја напуштија арената во Истанбул.
Антиќ во клучните моменти од средбата одигра одлично и го заврши мечот со девет поени, пет скокови и една украдена топка. Најефикасни кај Фенербахче во четвртата победа во низа беа Удох, кој оствари дабл-дабл од 15 поени и 12 скокови, и Богдановиќ со 12 поени и осум асистенции. Прв стрелец на ЦСКА Москва при шестиот пораз на европскиот шампион сезонава во Евролигата беше Нандо де Коло со 23 постигнати поени.
Олимпијакос и без помошта на Василис Спанулис стигна до убедлива победа на гостувањето против Уникс Казан (75-90). Се беше решено по само десет минути игра, откако грчкиот гигант ја доби првата четвртина со преубедливи 13-33, предност што потоа рутински ја задржа до самиот крај. Ерик Грин со 25 поени беше најефикасен кај „црвено-белите“, пред Принтезис со 20, додека прв стрелец на Уникс Казан беше Кит Ленгфорд со 25 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА