Целта е јасна – серијата добри игри на Вардар во Лигата на шампионите да се продолжи и на саботниот натпревар против Мец, на кој триумф ќе значи уште поголемо зацврстување на првото место на табелата во својата група. Големиот триумф во Подгорица против Будуќност уште повеќе ја крена самодовербата во црвено-црниот табор, кој со максимална ангажираност на би требало да има никакви проблеми против составот на Мец.
„Секој натпревар во ЛШ е тежок, така и овој натпревар со Мец. Францускиот тим одигра два добри натпревари со Будуќност во првата фаза, славеше дома и загуби само два разлика во Подгорица. Станува збор за квалитетен тим што игра добра одбрана, има три француски репрезентативки. Противникот е силен, опасен е кога игра на гости, ние мораме да продолжиме со напорна работа за да стигнеме до нов триумф. Кога играме дома секогаш мораме да бидеме двојно посконцентрирани и да не дозволиме изненадување“ – изјави тренерот Давид Дејвис.
Шпанскиот стратег ја објасни и својата визија за функционирањето на екипата, по големиот пад во играта што се случи по почетните дваесетина минути против Будуќност, откако играта ја напуштија Пенезиќ и Лекиќ.
„Мојот став е едноставен, сите ракометарки треба да играат во одредена фаза од натпреварот. Ако имаме петнаесет квалитетни играчи, тогаш сите 15 треба да добијат шанса. Некогаш ќе играат по 15 минути во полувреме, некогаш 20 со 10, но моја визија е Вардар да диктира силно темпо, а за тоа е потребно ракометарките да не се преморат. Затоа, и во иднина ќе ги ротираме играчите како што тоа беше случај во Подгорица“ – истакна Дејвис.
„Вардарки“ се наоѓаат во серија од шест победи во ЛШ, најдолга во клупската историја, а крилото Сара Ристовска очекува в сабота да се стигне и до седмата победа во низа.
„Пред се сакам да се заблагодарам на сите оние кои веруваа дека од Подгорица можеме да се вратиме со победа. Ќе сториме се за да забележиме нова победа и да направиме уште еден чекор напред кон фајналфор турнирот. Знаеме дека Мец е квалитетен тим што ќе се обиде да слави, но не знам колку се свесни дека ќе играат во Скопје, во оваа фантастична сала пред неверојатна публика каде секогаш играме уште подобро. Мец е тим со квалитетна одбрана и добар контранапад, ако им го неутрализираме ова оружје верувам дека ќе стигнеме до посакуваниот триумф“ – истакна Сара Ристовска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА