УЕФА го објави финансиите што ќе им ги подели на клубовите кои даваа репрезентативци во изминатиот циклус квалификации за ЕВРО 2016, како и оние што учествуваа на турнирот на Европското првенство во Франција. Од нашата Прва лига, најмногу пари ќе добијат Вардар и Работнички, кои имале најмногу репрезентативци од своите редови, во селекцијата на Македонија, но и други национални селекции.
Вардар ќе добие надомест од околу 150.000 евра за фудбалерите од тимот кои настапуваа за своите национални репрезентации. Томе Пачовски, Никола Глигоров, Стефан Спировски, Владица Брдаровски, Дејан Блажевски, Дарко Велкоски…имаа настапи за Македонија, додека Дамир Којашевиќ, Немања Мијушковиќ и Хофханес Хамбарџумјан настапуваа за Црна Гора и за Ерменија.
Според пропозициите на УЕФА, секој фудбалер кој бил дел од официјалниот записник на квалификациските натпревари за ЕВРО 2016 на клубот му носи 4.307 евра од меч (за квалификациска група со 10 меча), односно 3.536 евра од меч (за квалификациска група со 12 меча).
Втор според заработката од македонските клубови е Работнички, на кого му припаѓаат околу 115.000 евра. Во изминатиот циклус, од редовите на „романтичарите“ беа повикувани Даниел Божиновски, Кире Ристевски, Мите Цикарски, Милован Петровиќ, Душко Трајчевски, Ацо Стојков, Баже Илијоски…
Шкендија е трета според заработка од македонските клубови, со надомест од околу 30.000 евра, а интересно е дека блиску е и Металург, со околу 26.500 евра.
Во светот, најмногу финансии од своите репрезентативци ќе заработи Јувентус, околу 3,5 милиони евра, на второто место е Ливерпул (3,3 милиони евра), а следуваат Тотенхем (3 милиони евра), Манчестер јунајтед (2,9 милиони евра), Баерн Минхен (2,8 милиони евра), Реал Мадрид (2,5 милиони евра)…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА