По речиси три месеци Карпош соколи загуби на домашен терен и тоа од Куманово во рамки на БИБЛ лигата со 101-106 (20-26, 13-27, 24-24, 44-27). Избраниците на Драган Николиќ не можеа да се носат со играта на расположените шутери на Куманово. На Марјан Србиновски му беа доволни само седум кошаркари во ротација за ја оствари својата прва победа во втората фаза од балканското натпреварување.
Живановиќ, Мијатовиќ и Јанески започнаа да наметнуваат свој ритам на игра. Расположените шутери на Куманово брзо наталожија предност (11-20) која влијаеше на самодовербата кај домаќините. Пери и Вркиќ форсираа брза игра од која не успеаја да ја анулираат негативата пред себе. Играта преку нискиот пост гостите брзо ја прочитаа, па по 12 минути игра македонскиот вицешампион веќе имаше двоцифрена предност пред себе (22-33). Две серии од по 0-6 беа сосема доволни за кумановци да наталожат огромна предност на полувремето (33-53). Играта во второто полувреме беше реприза на првото. Марјан Јанески и Данило Мијатовиќ одлично се снаоѓаа во рекетот, а грешките од брзоплетата игра на домаќинот лесно беше казнета. Во меѓувреме, Филип Шепа кој не беше шутерски расположен ја заработи и четвртата лична грешка, па мораше да биде повлечен од игра. Наместо Пери да ги преземе работите во свои раце, го направи истиот потег, што наиде на негодување на малкуте присутни во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Поените од линијата за пенали му овозможи на гостинот од Куманово да ја задржи двоцифрената позитива (54-77) пред почетокот на последниот период. Во последните десет минути домаќините се разиграа. Предноста на Куманово се намали и на 10 поени, првпат по паузата (79-89) што го примора Србиновски да повика тајмаут. Залудно беа потрошени двете минути со оглед на тоа дека Куманово не го пронајде ритамот потребен за рутинско завршување на играта. Соколов и Трајковски погодија за три поени за ’минус три’ (92-95) додека Јанески на спротивната страна не успеа да реализира. На 60 секунди до крајот, Куманово зголеми на пет поени предност (92-97), а Караџовски бавно ги разигруваше своите соиграчи за да заштеди време. Замислата му успеа за нов триумф во БИБЛ, прв во втората групна фаза.
Мијатовиќ со 27 поени, Јанески со 18 и Караколев со 16 беа најрасположени кај Куманово. Кај Карпош соколи тоа беа Бојан Трајковски со 25 поени, Соколов постигна 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА