Љубомир Врањеш и дефинитивно ја продолжува својата кариера на клупата на Веспрем, но преселбата ќе се случи дури по завршувањето на оваа натпреварувачка сезона. Одличниот стратег имаше успешни разговори со унгарскиот гигант, по што побара од раководството на Фленсбург да му биде овозможено да се раскине договорот што беше со важност до 2020 година. Состанокот заврши со договор меѓу двете страни, со тоа што Врањеш се согласи да остане во германскиот клуб до крајот на сезонава.
„После неколку месеци размислување, донесов одлука по единаесет години минато во семејството на Фленсбург да прифатам нов предизвик. Ова ми е најтешка одлука во спортската кариера, благодарен сум што Фленсбург го прифати моето барање и можам да ветам дека заедно со сите играчи во следните месеци ќе сториме се за да освоиме трофеј, со што би имал достојно простување од клубот“ – изјави Врањеш за германските медиуми.
Врањеш единаесет години е член на Фленсбург, најпрвин како играч, потоа спортски директор, за во последните неколку сезони одлично да се снајде и како тренер на германскиот клуб, со кој стигна и до титулата во Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА