КК Куманово: Нашиот проблем со МКФ е за лиценците за странци

Раководството на КК Куманово преку соопштение до јавноста го објасни својот став за неплаќање на долговите што ги има кон Македонската Кошаркарска Федерација. Соопштението на КК Куманово го пренесуваме во целост.

Почитувани,

Во врска со изјавата на Генералниот секретар на МКФ која ја пренесоа некои од средствата за јавно информирање околу долговите на клубовите кои се суспендирани, вклучително и КК Куманово 2009, би сакале уште еднаш најјасно да Ви ги посочиме вистинските факти за да нема никакви сомневања околу вистинската природа на проблемот кој подолг период ја `задушува` македонската кошаркарска јавност.

Имено, за КК Куманово 2009 никогаш проблем не претставувале долговите кои по други основи ги има спрема МКФ и кои бевме спремни да ги платиме во целост, а всушност се платени во најголем дел. НАЈГОЛЕМИОТ и ОСНОВЕН ПРОБЛЕМ околу кој се спорат клубовите меѓу кои и КК Куманово 2009 со МКФ претставува висината на надоместокот за регистрација на странски играчи, проблем за кој укажуваме уште  од моментот на донесување на оваа одлука од страна на раководството на МКФ, како и прашањата за избор на комесар за натпреварување и самото раководење со лигата, прашања кои за жал, подоцна останаа во втор план. Имено за КК Куманово 2009 е неприфатливо донесување на ваква одлука пред самото започнување на натпреварувачката сезона, во постапка од која целосно беа исклучени сите клубови од Прва лига и со која одлука само оваа ставка за првите 4 странски играчи беше покачена за по 340%, за петтиот 600% а за сите странски играчи после шестиот па натаму за по 1200% .

Значи, за јасно и недвосмислено информирање на јавноста и избегнување на било какви шпекулации, КК Куманово НЕМА ПРОБЛЕМ со некои други долгови спрема МКФ, туку исклучиво со долговите кои настанаа по овој основ. Се надеваме дека Здружението на клубови од Прва лига мажи на седницата која треба да се оддржи денеска ќе излезе со јасен и конкретен став по ова прашање и сите клубови ќе соберат храброст да се спротивствават на ваквото самоволие.

Со почит,

КК Куманово 2009

Се вчитува...