Актуелниот селектор на Македонија, Лино Червар, е прв фаворит за клупата на Хрватска по очекуваната смена на Жељко Бабиќ, објавија хрватските медиуми.
Раководството на Хрватската ракометна федерација (ХРС) за вторник најави состанок УО на кој, според најавите, ќе се разгледува позицијата на селекторот Жељко Бабиќ и на координаторот Ивано Балиќ. На СП во Франција, Хрватска остана без медал, откако прокоцка осум гола предност и на крај беше поразена од Словенија (30-31) во мечот за третото место, а хрватската јавност вината за неуспехот ја посочи во стручниот штаб на „коцкестите“.
Повикувајќи се на „добро информирани извори“ порталот 24sata.hr, најави дека кормилото на хрватската репрезентација ќе го преземе Лино Червар во тандем со Славко Голужа како негов помошник, и тие ќе ја предводат Хрватите на следното ЕП на кое Хрватска ќе биде домаќин.
Червар не ја потврди, но не ја ни отфрли можноста да се врати на клупата на Хрватска за ЕП 2017, иако се уште е актуелен селектор на Македонија.
„Не, не, прерано е да се зборува за тоа, на само еден ден откако го завршивме настапот на СП. Не можам да одговорам на такви хопотетички прашања, треба за се добро да се размисли, да се направи детална анализа на се што се случуваше и дури после тоа да се донесуваат одлуки“ – вели Червар за 24sata.hr.
Храватскиот стратег под чие водство хрватската репрезентација стана светски и олимписки шампион, сепак, има визија како да се подготват за Европското првенство на кое Хрватска ќе биде домаќин во јануари 2018 година.
„Треба да се собере целиот хрватски ракометен ум, да се стават главите заедно и да се направи обид на најдобар начин да се подготвиме за Европското првенство во Хрватска во јануари 2018. Хрватска нема европско злато, тоа е единствено што ни недостасува и треба да се биде многу паметен во подготовките на она што доаѓа – порача Червар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА