Денешниот натпревар од десеттото коло во кошаркарскиот шампионат меѓу Куманово и Охрид не се одигра поради добро познатите причини, неплатените долгови на актуелниот вицешампион кон Македонската Кошаркарска Федерација.
Челниците на МКФ уште вчера објавија дека овој дуел нема да се игра, откако кумановци уште еднаш потенцираа дека се во „војна“ со претседателот Петар Наумоски и дека немаат намера да ги платат парите што тој ги бара на име лиценци за странски кошаркари Од МКФ се децидни на ставот дека тоа мора да се плати, воедно и додаваат дека Куманово за разлика од останатите суспендирани клубови должи по неколку различни основи.
Војната трае, но ова дефинитивно е „опомена пред исклучување“ за КК Куманово. Еден загубен натпревар и „минус еден бод“ е штета со која актуелните вицешампиони можат да се помират, особено ако се знае дека во Супер-лигата не се пренесуваат бодови од првата фаза. Сепак, евентуален втор службено загубен меч би значел и дефинитивна преселба на кумановци во понизок ранг на натпреварување.
Инаетот не води никаде, па најдобро е да се седне на маса и да се најде заеднички јазик, за да се избегне фијаско и бришење од кошаркарската мапа на градот кој собираше најмногу фанови во својата сала во последните неколку сезони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА