По десет одиграни кола во домашното кошаркарско првенство Фени индустри и Работнички се на врвот на табелата со само еден пораз и по девет победи, двете запишани денес. Кавадарчани го нагостија Пелистер и го испратија назад в Битола со само еден бод запишувајќи победа од 88-51 (16-9, 21-18, 28-16, 23-8) додека „центарци“ славеа на гости кај соседите Вардар со 73-82 (17-17, 18-28, 23-19, 15-18).
Љупчо Малинков првпат по нешто повеќе од еден месец го имаше капитенот на тимот на располагање. Искусниот центар Кире Николовски по подолга пауза се врати во составот и можеше да им помогне на своите соиграчи да стигнат до нов триумф. Уште на почетокот на натпреварот разликата во квалитети беше очигледна за што и зборува огромната разлика со која кавадарчани победија на крајот. Четири кошаркари беа двоцифрени во победничкиот табор. Пајиќ беше лидер со 13 поени, Ѓекиќ постигна 12 додека Магдевски и Петровски запишаа по 11 поени. За Пелистер двоцифрен беше единствено Фил со 16 поени.
Само пет кошаркари од Работнички успешно реализираа поени, но искуството на Чековски, Мираковски, Илиевски и Мишановиќ беше пресудно на денешниот натпревар. Иако „центарци“ беа фаворити пред денешната средба, младите кошаркари на Вардар не се предадоа лесно. До 10. минута резултатот беше изедначен, а потоа домаќините не можеа да го фатат ритамот на расположените шутери на спротивната страна. Мираковски и Ефремовски двапати беа прецизни од далечина за првата двоцифрена разлика (19-29) која лесно ја одржаа до крајот на првиот дел од натпреварот. Се чинеше како избраниците на Марин Докузовски ќе имаат лесна задача и во вториот дел, но младите домаќини им ги збришаа тие мисли. Вардарци беа израмнети противници, се доближија и на ’минус три’ (64-67, 66-69), но во финишот искуството на страната на Работнички. Мишановиќ и Чековски погодија кога на „центарци“ им требаше самодоверба за да го довршат натпреварот.Илиевски со 20 поени, Мишановиќ со 18, Мираковски со 15, Ефремовски со 14 и Чековски со 15 поени беа двоцифрени во Работнички. Кај Вардар најмногу се истакнаа Зекири со 17 поени и девет скокови, Робев постигна 12 поени, Митев – 11 поени, двоцифрени беше уште Адекунле и Лефкоски со по 10 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА