Усаин Болт е разочаран што остана без еден од деветте златни олимписки медали, но истакнува дека тоа нема да го смени она што го има остварено во атлетика. Тој најави и дека е подготвен да учествува во правната разврска на случајот пред Судот за спортска арбитража во Лозана.
Светскиот рекордер остана без златото во штафета 4х100 метри освоено на ОИ во Пекинг бидејќи еден од член од неговиот тим, Неста Картер бил позитивен на повторениот допинг тест. Покрај Болт и Картер, во штафетата на Јамајка во Пекинг трчаа уште и Асафа Пауел и Мајкл Фратер.
„Тешко е што морав да вратам еден од своите медали, го сторив тоа бидејќи така бараше ИОК. Не сум среќен поради тоа, но и тоа е дел од животот. Нема да дозволам сето ова да ме деконцентрира сезонава, иако сум многу незадоволен. Мислам дека остварив многу во кариерата, ова не менува ништо од тоа. Работев напорно и го остварив тоа што не успеа никој пред мене“ – истакнува Усаин Болт.
По одлуката на ИОК, Јамајчаните имаат право да се жалат пред Судот за спортска арбитража во Лозана. Тој правен процес би чинел неколку милиони долари, а Болт вели дека е подготвен да помогне во тој дел.
„Постојат многу варијанти, па ќе видиме што ќе правиме. Ако има потреба јас сум подготвен да помогнам“ – изјави Усаин Болт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА