Рома тргна во шопинг, потпиша со Грение

Рома моментно е второпласирана на табелата во Серија А, но амбициозните газди на римскиот клуб се активни на пазарот, се со цел играчкиот кадар да стане уште посилен во обидот да се стигне Јувентус и да се освои титулата. Токму затоа „волчицата“ ги интензивираше преговорите за играчите кои беа желба на Лучијано Спалети, па беше постигнат договор за трансферот на Клемен Грение.

Станува збор за 25-годишен играч за врска, кој досега настапуваше за екипата на Лион. Грение сезонава не успеа да се наметне крај Толисо и Фекир, настапи на само четири натпревари во францускиот шампионат, но Спалети сепак е убеден дека станува збор за играч кој ќе додаде инвентивност во средниот ред на „волчицата“. Французинот доаѓа во Рома на шестмесечна позајмица, а доколку се покаже во вистинско светло римскиот клуб ќе има можност да го откупи целосно неговиот договор со Лион.

Воедно, челниците на Рома ги финишираат и преговорите со Аталанта за ангажман на брзоногиот офанзивец Кеси, чие доаѓање на „Олимпико“ би се случило во јули. Аталанта бара над 25 милиони евра за овој фудбалер за кого се интересираат и клубови од Англија, но Рома планира да ја спушти цената вклучувајќи го во понудата Паредес.

Се вчитува...