Претстојниот натпревар од десеттото натпреварувачко коло од Првата кошаркарска лига меѓу Куманово и Охрид нема да се одигра откако кумановци останаа децидни на ставот да не ги платат парите што ги должат кон Македонската Кошаркарска Федерација. Челниците на МКФ во текот на вчерашниот ден го суспендираа актуелниот вицешампион поради неплатени суми за лиценци за странските кошаркари, неиграње на следните два меча би значело и преселба во понизок ранг на натпреварување, но Куманово останува на својот став.
„Нема никакви шанси да ги платиме парите што се побаруваат по основа на лиценци за странски кошаркари. Тоа беше нашиот став уште пред неколку месеци и ние не ја менуваме стратегијата по ова прашање“ – дециден е претседателот на клубот, Виктор Божиновски.
Неофицијално, во текот на следната седмица ќе биде организиран состанок на Здружението на прволигаши, но останува да се види колку тоа може да донесе посериозни промени во ситуацијата, со оглед на фактот дека од десетте клубови (заедно со МЗТ Скопје и Карпош соколи) повеќе од половина ги имаат подмирено обврските, а четири се суспендирани.
Куманово нема да го одигра дуелот со Охрид, за што ќе следи службен пораз, а останува да се види дали „сино-белите“ ќе го променат ставот во текот на следната седмица, бидејќи втор службено загубен меч (4 февруари во Битола со Пелистер) ќе значи и автоматска преселба во понизок ранг на натпреварување.
Кумановци беа едни од иницијаторите за смена на претседателот Петар Наумоски, во периодот пред Собранието на МКФ најавија дека ќе стартуваат и судски процес против него, а „војната“ меѓу раководството на федерацијата и актуелниот вицешампион дефинитивно се повеќе се разгорува.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА