Црвена звезда продолжи со извонредните настапи во Евролигата, откако првакот на АБА ја забележа и седмата победа во низа, овојпат на домашен терен против Панатинаикос со резултат 72-66. „Црвено-белите“ влегоа во овој меч видно осоколени по големиот триумф во Виторија над тимот на Басконија пред само две дена. Избраниците на Радоњиќ го контролираа резултатот во поголемиот дел од средбата, ПАО сепак успеа да се врати во самата завршница, но кога беше најпотребно Црвена звезда одигра фанатична одбрана, ги затвори приодите кон својот кош и заслужено стигна до победата.
Симоновиќ со 13 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, каде Митровиќ постигна 11 поени, а Кузмиќ оствари дабл дабл од 10 поени и 14 скокови во дуелот со својот поранешен клуб.
Макаби ја прекина „црната серија“ од три порази, совладувајќи го составот на Уникс Казан со 60-52. Израелскиот гигант отсекогаш го красел одличен напад, но овој натпревар го доби со извонредна одбрана, успевајќи пред се да го неутрализира Кит Ленгфорд. Најдобриот кошаркар на Уникс го заврши натпреварот со 12 поени и очаен шут од поле 4/20, а јасно е дека кога Ленгфорд не е во својот препознатлив ритам рускиот претставник многу тешко стигнува до триумф во Евролигата. Најефикасни во победата на Макаби беа Гудлок со 17 и Охајон со десет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА