Четири клуба од првата кошаркарска лига на Македонија се суспендирани поради неплатени обврски кон Македонската Кошаркарска Федерација. Станува збор за Куманово, Кожув, Струмица и Карпош соколи, екипи од кои дел должат пари само за лиценци за странски играчи, а дел покрај тој долг немаат платено ниту котизација за учество во Првата лига.
„Точно е дека донесовме одлука за суспензија на овие четири клубови. Долгот е стар подолго време, толериравме и се обидувавме да најдеме заеднички јазик, но очигелдно е дека тоа не е возможно. Се доведовме во ситуација одредени клубови да не ја платат ниту котизацијата, која постои за нормално функционирање на лигата“ – изјави Моника Гавриловска, Генерален секретар во МКФ.
Време за подмирување на обврските нема многу, три од клубовите (Карпош соколи игра во АБА) кои должат нема да имаат право да настапат на следното коло в сабота доколку најдоцна до утре не ги уплатат парите кои треба да завршат во касата на МКФ.
„Пропозициите се јасни, кој нема да плати суспензијата нема да му биде крената, па наредниот натпревар в сабота ќе го загуби службено. Тимот што ќе има два службени порази ќе биде преселен во понизок ранг на натпреварување. Се надевам дека тоа нема да се случи, но сакам да биде јасно дека покажавме преголемо трпение во целата ситуација. Добивавме образложение да почекаме да минат изборите, но и откако сето тоа заврши парите не беа уплатени. Неразбирливо е од една страна да се инсистира на странски кошаркари, а од друга да не се плаќаат парите што се предвидени за лиценца на тие играчи“ – вели Гавриловска.
Само за потсетување, кошаркарските прволигаши долго време водеа битка со Петар Наумоски поради неговото инсистирање преку зголемување на лиценците за странски кошаркари да влијае македонските играчи да добиваат поголема шанса. Клубовите се обидоа и да го сменат Наумоски, пред Собранието беше договорено да се платат лиценците за странци по старите цени до стартот на сезоната, а разликата во цена да биде уплатена до 16 декември. Од тој датум веќе минаа и над 40 дена, а откако должниците не најдоа за сходно да ги платат парите што ги должат дојде и до суспензија на четирите клубови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА